Македонија направи херојски пресврт, но Србија во 90. минута ни ја „украде“ првата победа! (ВИДЕО)
Во вториот натпревар на Европското првенство во Полска, македонската репрезентација ремизираше со Србија, 2-2 (0-1) со што го освои првиот бод на Европското првенство. Мечот во Бидгошч го следеа 5.100 гледачи.
Србите први се заканија, најнапред по една конфузија во нашата одбрана, а потоа и со ударот на Мијат Гачиновиќ од 20 метри, но преку голот на Алексовски. Во 10. минута Марко Грујиќ ја надскока нашата одбрана, но неговиот удар со глава заврши крај дирекот.
Кога се чинеше дека Македонија воспостави теренски баланс, во 24. минута промивме гол. По една збркана акција, топката стигна до Гачиновиќ и фудбалерот на Ајнтрахт Франкфурт од 6-7 метри небранет од никого ја погоди мрежата на Алексовски. Сепак, во моментот на додавање стрелецот беше во недозволена позиција, а судиите тоа не го забележаа.
Во 35. минута Србите имаа зицер за 2-0, откако по грубата грешка на нашата одбрана, Грујиќ излезе сам пред Алексовски, но голманот на Вардар пантерски одбрани и спречи зголемување на водството. Во последните мигови од првиот дел Барди од слободен удар го загреа Вања Млинковиќ – Савиќ, но на одмор Србите заминаа со минимална предност (1-0).
На почетокот од вториот дел Никола Ѓорѓев влезе во игра на местото на Даниел Аврамовски, а Гајиќ беше заменет со Филиповиќ во српскито табор. Барди од слободен удар одлично биеше во 49. минута, но пак српскиот голман беше на вистинското место и одби во корнер. Србите возвратија преку Плавшиќ и неговиот удар по земја, кој Алексовски го одбрани.
По неполн еден час игра Милевски го повлече Бабунски за да го внесе Елмас. Подобрата игра на нашиот тим вроди со плод во 64. минута, кога по центашутот на Барди, со рака играше Живковиќ, а судијата Мејден покажа на белата точка. Барди го измами Вања Милинковиќ-Савиќ и израмни на 1-1. Овој гол е наш прв историски гол на големите приредби.
Србите станаа нервозни и иако имаа нескриена амбиција не го пробиваат нашиот одбранбен ред. Наспроти нив, Радески во 75. минута имаше изгледа позиција по контра, но биеше млако и не го совлада српскиот голман. Нашата поконкретна игра вроди со плод во 82. минута, кога младиот ас на Грасхоперс, Никола Ѓорѓев со прекрасен гол од дистанца ни донесе предност пред самиот крај (1-2).
Во 88. минута Алексовски чудесно го одбрани зицерот на Живковиќ со глава. Сепак, во следниот напад по центаршутот на Гачиновиќ, Урош Ѓурѓевиќ со глава ја погоди македонската мрежаза финални 2-2 и несреќно испуштена победа.
Во судиското надополнување дирекот ја спасуваше нашата мрежа по ударот на Живковиќ. В петок во Гдиња против Португалија, нашата селекција го игра последниот натпревар од групата и подоцна ќе се знае дефинитивниот пласман.
извор: www.gol.mk
Leave a comment
Please note, comments must be approved before they are published