„Панонски легенди“ – Житијата и мисиите на Кирил и Методиј

„Панонски легенди“ е најстарото оригинално дело од нашата (словенската) средновековна литература. Составено е од два дела: Житие на Кирил и Житие на Методиј. Во нив е опишан животот на двајцата создавачи на словенската писменост. Во врска со авторството на житијата има различни мислења, од кои се издвојуваат две:
1. Дека автор на Кириловото житие е Методиј, а на Методиевото Климент Охридски;
2. Дека автор на двете житија е Климент Охридски.
Тема во житијата е животот и делото на браќата Кирил и Методиј.
Идејата на „Панонските легенди“  е да се докаже и одбрани правото на Словените на свој јазик да создадат своја писменост и култура.
Композиционо житијата се составени од: воведен дел, изложување и заклучок.
Иако се работи за средновековна литература, стилот во житијата е разбирлив, едноставен, со многу епитети, компарации, реторски прашања итн.

Житието на Кирил

( 826—869)

Воведен дел

Во овој дел е даден краток теолошки вовед во кој авторот се повикува на Бога и вели дека луѓето треба да го следат неговиот пат, па им го испратил Кирил како учител. Всушност, го претставува Кирил како божји пратеник.

Изложување

Во изложувањето хронолошки е прикажан животот на Кирил.
Во Солун, во куќата на Лав и Марија, се родиле 7 деца, од кои седмото бил Константин — Кирил (826 или 827г.). Лав бил помошник на воениот командант на солунската област, а Марија потекнувала од видно семејство, блиско до царскиот дворец. Потекнувајќи од видно и богато семејство Константин имал можност да се здобие со солидно образование. Бидејќи во училиштето покажувал голем успех се запишал во Магнаурската школа, која била најпрочуена во тоа време. Кога ја завршил го назначиле за библиотекар на Патријаршиската библиотека во Цариград. По извесно време, шест месеци престојувал во манастир, а потоа работел како наставник по филозофија во Магнаурската школа. Од тогаш го добива епитетот филозоф (Константин Филозоф).
Како многу учен, го испраќаат на три мисии:

1. Арапска (сараценска) мисија (851год.)
Целта на мисијата е ширење на христијанството (верска мисија), но и политичка (Арапите почнале да претставуваат опасност за границите на Византија). Тука Константин успешно ја завршил мисијата и го научил арапскиот јазик и нивните обичаи.

2. Хазарска мисија (860-861год.)
Во неа учествувале двајцата браќа (Кирил и Методиј) и други византиски пратеници. Хазарите побарале врски со Византија за да им помогнат да го ослабнат влијанието на еврејските и арапските мисионери, како и војнички да им помогнат против Русите и Арапите. Покрај успешно завршените разговори, таму ги пронашле моштите на маченикот, папата римски Климент I. Константин таму имал можност да проучи некои јазици, да се занимава со граматика и да го запознае рошкиот јазик.

3. Моравска мисија (863год.)
Моравската мисија е најзначајна, бидејќи заради неа ќе биде создадена првата словенска азбука.
Кнезот Ростислав, владетелот на првата словенска држва, Велика Моравија, побарал од Византија мисионери кои ќе го шират христијанството, но на словенски јазик и со словенско писмо. Со свој јазик, своја црква и култура тој сакал да ја зацврсти државата и да ја избегне германизацијата.
Константин со помош на Методија ја создава првата словенска азбука — глаголицата и ги преведува книгите за богослужба на словенски јазик за во 863 година да оди во Моравија. За време на мисијата, тие го поттикнале отварањето на словенски цркви и училишта што им попречило на германските свештеници, па го обвиниле Константин дека шири ерес. Затоа бил повикан кај папата Адријан. Во Рим 869 година со силни аргументи, со говор достоен за светец, Кирил рекол дека како што сонцето свети исто за сите, така сите имаат право да си ја кажуваат верата на свој јазик, а не само на латински, еврејски и грчки. Тогаш папата официјално ја признал словенската писменост и дозволил богослужбата да се извршува на словенски јазик. Во Рим Константин се замонашува и го добива името Кирил и истата година таму починува.

Завршен дел (заклучок)
Во завршниот дел се опишани последните денови на Кирил, неговата смрт и последната желба — да се сочува и продолжи неговото дело.

Житието на Методиј

(815—885)

Житието на Методиј е напишано 16 години подоцна и започнува со речиси ист теолошки вовед, само што е тој малку подолг.
Авторот истакнува дека браќата потекнуваат од висок род (никаде нема податоци за роденото, световното име на Методиј), дека Методиј бил управител на една словенска област, дека се замонашил на планината Олимп, каде го добил името Методиј. Потоа се даваат истите податоци како во Кириловото житие сѐ до смртта на Кирил. Опширно е прикажана борбата на Методиј со германското свештенство и неговото прогонство од две и пол години (некаде во Швапско).

По тоа следува побуната на Словените против германските свештеници како и барањето на кнезот Коцељ, Методиј да биде назначен за архиепископ, што според житието е сторено во 873 година. Но, судирите со германското свештенство не запираат и Методиј е постојано прогонуван. Без разлика на тешките услови, тој продолжил да се бори и да работи на преводи од грчки на словенски јазик. Така, за шест месеци тој ги превел сите богослужбени книги.
Во заклучниот дел е прикажан погребот на Методиј и неговата одлука пред смртта за свој наследник и продолжувач на делото да го назначи Горазд.

 

Leave a comment

Please note, comments must be approved before they are published