Македонски народни песни
Македонските народни песни претставуваат дел од богатото фолклорно наследство на нашиот народ.
Народните песни потекнуваат од најдалечното минато. Нивниот автор е непознат (анонимен), а се зачувале со усно пренесување од колено на колено.
Македонските народни песни почнале да се запишуваат во средината на деветнаесеттиот век, во времето на Преродбата.
Први интерес покажале научници од соседните народи, како што се: Вук Караџиќ од Србија, Стефан Верковиќ од Хрватска, Словенецот Станко Враз, Виктор Иванович Григорович од Русија итн. Под влијание и поттик на последниов во Македонија започнува Преродбата, па Димитар Миладинов се посветува на собирање народни умотворби, како и на отварање училишта и наоѓање приврзаници и наследници. Со макотрпна работа и со помош на брат му Константин, во 1861 година успеваат да го објават Зборникот со народни песни.
Освен браќата Миладиновци со собирачка дејност се занимавале и: Кузман Шапкарев, Марко Цепенков, Ѓорѓија Пулевски и др.
Народните песни се делат на: лирски, епски и лирско-епски.
Лирски песни
Чувството е основниот елемент на лирските песни. Тие најчесто биле интерпретирани од жени, па затоа се нарекуваат и женски песни.
Има повеќе видови лирски песни, и тоа:
– обредни;
– митолошки;
– религиски;
– трудови;
– љубовни;
– семејни;
– песни за деца;
– хумористични;
– тажаленки.
Лирско-епски песни
Во народните песни често се среќава преплетување на лирските и епските елементи. Тоа го среќаваме во митолошките, тажачките и ајдутските песни, но како посебни видови се јавуваат:
– баладата и
– романсата
Лирски во овие песни се мотивите и експресијата, а композицијата и строежот – епски.
Народната балада има епска сижетна основа, ликови на натприродни суштества (самовили, змејови, наречници), но е проникната со лирски, силни чувства и драматизам. Во неа се испреплетени фантастични и реални елементи, а најчесто завршуваат трагично.
За разлика од баладата, романсата е со поведра содржина и никогаш не завршува трагично. Романсите најчесто имаат љубовна содржина, а лирскиот драматизам предизвикува и ненадејно менување на емоционалното расположение.
Епски песни
Епските песни се одликуваат со богата идејна содржина. Основен мотив во нашите епски песни е љубовта кон татковината и величање на јунаштината на историски познати и непознати личности. Идеализацијата на јунакот е главната цел во песните.
Жанровски разликуваме:
– неисториски (со митолошки, религиозно-легендарни мотиви);
– историски (јуначки, ајдутски, револуционерни, партизански).
Јуначкиот епос почнал да се развива кон крајот на четиринаесеттиот век во времето на потпаѓањето на нашиот народ под турско ропство. Немајќи друг начин за одбрана се јавува народниот пејач, кој го идеализира нашиот јунак давајќи му божествена сила, а исмевајќи го и омаловажувајќи го непријателот. Централен лик во нашиот епос е Марко Крале, но се јавуваат и други јунаци: Момчил војвода, Болен Дојчин, Јанкула војвода, Секула Детенце итн.
Leave a comment
Please note, comments must be approved before they are published