“Ејч-би-о” снима серија по сценарио на Македонец

Приказната со наслов „Успех“ на Македонецот Марјан Алчевски, кој живее и работи во Хрватска, во конкуренција од 447 сценарија е едно од двете избрани на конкурсот на кабелската телевизиска продукциска компанија Ејч-би-о (ХБО), која стана синоним за квалитетни ТВ-серии

Се бараше серија од регионот на поранешна Југославија (Хрватска, Србија, Словенија, Македонија, Босна и Црна Гора). Серијата, според пропозициите, треба да се одвива во сегашноста, а во игра е секој ТВ-формат, освен филм – од мини-серија до континуиран серијал. Конкурсот беше распишан лани во декември, под наслов „Фрст драфт“.

– “Многу сум среќен и горд. Благодарен сум за шансата што ми е дадена. Како писател со сите свои невротични состојби сега стравувам дека ќе ја „утнам работата“ додека сите гледате во мене и чекате. Се радував два дена. Сега треба да си го седнам стравот во скут и да го искористам како алатка. Тоа не е многу пријатно искуство” – вели Алчевски.

Првата епизода ги следи четирите главни лика во текот на еден ден. Тие се обични луѓе соочени со мачни моменти во животот. Малку им недостига да се скршат. На крајот на епизодата ќе бидат поврзани низ една брутална случка и прашањето со кое епизодата завршува е „што сега“? А и ќе откриеме дека нивните судбини не се навистина толку одвоени како што ни се чини.

–  „Успех“ е серија за тоа колку е страшно денес да се биде жив. Наместо порака поставува прашања, што сѐ сме подготвени да премолчиме само од страв дека може да биде и полошо, што ако полошото е веќе тука? Серијата е сега во развој. Тоа е фаза на пишување сценарио. Во моментов точниот број епизоди сѐ уште не е фиксиран. Ќе има онолку колку што се потребни приказната на моите ликови да биде прикажана на возбудлив и интересен начин. Не сум сигурен кога би била реализирана. Во оваа фаза примарниот фокус ми е сценаријата да бидат сѐ она што публиката очекува една серија на Ејч-би-о да биде – вели Алчевски.

Ејч-би-о е синоним за квалитетни приказни. На конкурсот се бараа оригиналност и современост. „Сакаме да го чуеме вашиот глас, пишувајте за она што добро го познавате и кон што имате емоции“, порачуваат од оваа продукциска куќа. Со оглед на технолошкиот напредок во филмската ХД-индустрија, телевизиските серии денес повеќе личат на филмови, и тоа не само по квалитетот на сликата туку и во режијата и филмската фотографија. Сценариото на Марјан Алчевски успеа во силна конкуренција од 447 да влезе во најдобрите две.

– “Моето искуство ми говори дека премногу автори ТВ-сериите ги доживуваат како игран филм од осум часа распарчен на осум делови. Публиката знае кога некој си игра мајтап со нив” – вели Алчевски.

Го има напишано сценариото за филмот „Живот од милион долари“ на Роберт Зубер, има работено неколку документарци, а во ХТВ работи во детската програма.

извор: www.novamakedonija.com.mk

 

Leave a comment

Please note, comments must be approved before they are published