Разговор со Анета Мицевска и група Молика

– Анета и групата Молика доаѓаат со новитети во Австралија –

Неповторливи, единствени, висок професионализам, универзалност во способностите за изведба, се е тоа содржано во македонските музички амбасадори – Анета и групата Молика од Битола. Овие виртуози, наскоро, веќе од наредниот месец октомври, доаѓаат на турнеја со концерти низ повеќе градови во Австралија. Публиката е нестрплива да ги слушне веќе познатите хитови, но според најавите, Анета и групата Молика подготвуваат изненадувања, така што ќе се претстават со нови песни кои премиерно ќе бидат изведени, а се дел од осмиот по ред ЦД албум. Околу нивните досегашни достигнувања и нивните планови, разговаравме со неповторливиот вокал Анета Мицевска.

1. Зачекоривте во третата деценија од постоењето на групата. Тоа е долг период на континуитет за музичката сцена во Македонија. На што најмногу се должи тоа?

– Во третата деценија од нашето постоење влегуваме со навистина многу долг период од напорна работа…Тоа е се должи најпрво на нашите квалитети, упорност, многу труд и секако чесна работа…Ете, тие се сите оние карактеристични работи кои ја направија Молика така успешна и просперитетна.

2. Поради честите патувања, настапи во странство, врвниот професионализам, го заслужувате епитетот македонски музички амбасадори. Што најчесто и најмногу бара публиката на гостувањата во земјите во Европа и преку океанот?

– Навистина не прави многу среќни тоа што не нарекуваат македонски амбасадори за култура, песна и оро. Чест и гордост да се носи тој епитет. Токму затоа, нашата публика препознавајќи го пред се македонското во нас, надвор од татковината најчесто бара да слушне и заедно некогаш да запееме она нашето македонското, додека пак во мал процент е тоа нешто од останатата балканска музика.

3. Интересно е што, како ретко која група или пак естраден уметник препознатливи сте по Вашата универзалност во однос на музичките жанрови кои ги практикувате на репертоарот. Не е ли потешко со највисок квалитет, подеднакво и не ретко во една вечер, да се изведува македонска традиционална народна песна, босанска севдалинка, или пак нешто од музичката хит сцена како што е Адел или Селин Дион?

– Нашата долгогодишна работа не научи да свириме и пееме речиси се, а најмногу нашиот македонски мелос… Иако за нас скоро и да е исто во тежината на изведувањето, било тоа да е наша македонска песна, било тоа да се босанска, српска песна или пак нешто од светските ѕвезди, како што се Адел или пак Селин Дион и други. Немојте да мислите дека една песна од Адел или било која друга светска ѕвезда е потешка од нашата стара изворна музика…

4. Покрај многубројните концерти во земјата и странство, ги задоволувате барањата на публиката кога станува збор за настапи на семејни свечености. Значи ли тоа дека ги преферирате повеќе настапите на отворена сцена, ан плаг, спонтано и некогаш по барање на публиката?

– Значи настапуваме скоро насекаде и по концерти и на фамилијарни веселби. Ние естрадните уметници барем во Македонија не можеме да избираме и при тоа да речеме дека – од денес нема да пееме и свириме по фамилијарни веселби, туку ќе се посветиме на настапите исклучиво на концерти. Тоа, во Македонија не може да се случи бидејќи кај нас е многу мал пазарот, што е една од најважните причини зошто подеднакво ги работиме сите настапи.

5. Зад вас се 7 албуми како врвни музички остварувања кои понесоа бројни награди, а исто така и повеќе ДВД видео записи. Познати сте и како единствена музичка група која дебитираше со филмска комедија. Што е следно на тој план?

– Точно дека зад нас имаме издадено 7 ЦД албуми и на пат е осмиот и петтото ДВД издание. Што се однесува за евентуално продолжение или нова музичко филмска комедија може ќе почекаме подобри времиња. Пред се бидејќи за еден таков филмско – продукциски зафат се потребни огромни средства, за што во моментот цениме дека не е вистинското време. Се потешко е да се најдат спонзори, иако доколку има заинтересирани нашата екипа има приказни за снимање за уште 9 филмски комедии.

6. Неколку пати сте добитници на наградата “Оскар на популарноста” во Босна и Херцеговина, а Вие како естраден уметник сте добитничка на престижното признание “Вокал на сите времиња”. Соработката со Гранд продукција го заокруживте со албум на српски јазик. Го освоивте Балканот, во кој правец ќе се движи Вашата интернационална кариера?

– Да, три пати ја добивме наградата “Оскар на популарноста” во Босна. За нас се тоа особено драги награди, а посебно за мене бидејќи ја добив и највисоката доделена награда “Пејачка на сите времиња за регионот на Балканот”. Точно е дека чекор по чекор го освоивме Балканот, што беше и нашата цел. Но сепак, цениме дека моментално на овие балкански простори од тоа погоре нема.

7. Верувам дека концертите, турнеите во дијаспората се голем предизвик, пред се поради времетраењето, оддвоеноста од домот. Но, секако средбите со Македонците кои се далеку од татковината оставаат посебни впечатоци. Колку пати досега сте гостувале во Австралија, по што се оддвојуваат Вашите настапи таму, од останатите на Балканот и во Македонија?

– Иако вака од страна гледано дека нашата работа е многу лесна, меѓутоа не е така воопшто…И од тие причини бидејки работиме 24/7 со задоволство ги чекаме нашите гостувања надвор од Македонија, бидејќи едноставно ни се како издувен вентил и ако сме настапувале по повеќе пати на одредени места. На пример, Австралија сум ја посетила повеќе од 10 пати, сме гостувале на разни настани, организирани концерти… Секако Македонците кои се далеку од татковината кај нас оставаат посебни впечатоци затоа што, тие се нашите роднини, пријатели и тоа не прави многу богати луѓе. Тоа е нашето богатство, тоа што имаме голем круг на наши роднини и пријатели така што со едно гостување не можеме да се видиме со сите нив. Што се однесува до настапите, скоро и да се исти, како и тука, гледано од музички агол, додека кога зборуваме за финансиска страна тоа е веќе нешто друго, зашто заработувачката е многу поголема .

8. Што можат да очекуваат Вашите обожаватели во Австралија, колку концерти се планирани и во кои градови?

– Нашите обожаватели за претстојната турнеја ќе имаат можност први да го слушнат нашето осмо по ред ЦД издание и петтото ДВД, а се планирани осум концерти скоро во сите поголеми градови Сиднеј, Мелбурн, Њу Касл, Волонгонг, Ѓелонг и Перт.

9. Кога би стартувале сега со својата кариера, дали нешто би измениле на професионален план?
– До колку би започнала сега со својата кариера ништо не би сменила ќе оставам се како што е сега, зашто сум задоволна со постигнатите резултати.

10. Приватноста, на сметка на популарноста, најчесто е жртва кога животот е посветен на музиката, особено кога станува збор за кариера со брзо темпо како Вашата. Ви пречи ли тоа?

– Токму така што се однесува до приватноста. Во почетокот ми пречеше и тоа премногу, меѓутоа сега се привикнав да се носам со таа работа, така што сега и воопшто не ми претставува товар.

11. И за крај, што е најважно во одредувањето на изборот – музички вокал, што би сакале да им го препорачате на оние кои тукушто зачекориле на тој пат?

– Најважно што е за да бидеш еден успешен вокал или бенд како Молика? Прво и основно Бог да стави раце – да подари талент, па потоа … многу среќа и упорност.

Гордана Цветаноска

Leave a comment

Please note, comments must be approved before they are published