Интервју со Игор Ангелов: Доста е од турски серии, време е за нешто наше!

Повеќето од коментарите за „Преспав“ се позитивни, но има и многу забелешки. Тоа е сосема нормално. А и нашиот менталитет е таков, секогаш мора сѐ да се каже, па иако тоа не е секогаш оправдано. Ама ако, нека си зборуваат.

Децата го препознаваат како детективот Цветко од серијата „Пет плус“ или храбриот Џон Пиплфокс од истоимената претстава на Драмски, а возрасните – некои по ликови во претстави, а од поново, по Коста, еден од главните ликови во серијата „Преспав“, која ја доживува својата прва сезона на телевизијата „Телма“. Речиси не постои туѓ медиум за Ангелов, не се многумина актерите како него кои можат да се пофалат со многубројни проекти и на телевизија, во театар (Драмски е негова матична куќа), а особено на филм. Досега има снимано десетина играни филмови. Последен што можевме да го видиме е „Златна петорка“ на Горан Тренчовски, а годинава го сними „Слобода или смрт“ на Владимир Блажевски, филм во кој има главна улога, а во моментов е во постпродукција.

Факултети.мк: „Преспав“ е вашиот најактуелен ТВ-проект. Македонска ТВ-серија каква што одамна не привлекла внимание на публиката. Коментарите се позитивни, гледаноста расте. На што се должи тоа? Гладна ли е можеби публиката за своја продукција, да ги гледа своите актери, наместо нахсинхронизираните серии?

– Луѓето навистина се презаситени од турските серии. Мислам дека крајно време беше да се испродуцира нешто наше и македонско во ваков облик на ситком. Благодарение на „ОХО продукција“, конечно и тоа се случи во нашиот етер. Направивме суперсерија и мислам дека во иднина ќе биде сѐ подобра и подобра. Гледаноста допрва ќе расте.

НАПОРНО СНИМАЊЕ, СО БРЗО ТЕМПО НА РАБОТА

Факултети.мк: Собрани се актери од кои со добар дел веќе си соработувал на театарски проекти и постои хемија. Одеше ли лесно снимањето? Допрва треба да се снимат уште 40 епизоди, ако не се лажам.

– Морам да признам дека снимањето на 40-те епизоди беше прилично напорно, со многу брзо темпо на работа. Почетокот беше тежок додека навлеговме во своите карактери, во меѓусебните врски, додека развивме наша хемија. Но откако го поминавме тој процес, веќе беше многу полесно.

Факултети.мк: Неретко кога ќе излезе премиера на македонска ТВ-серија или на игран филм се слушаат коментари од гледачите, дека добар дел од актерите глумат театарски. Ви сметаат ли Вас лично таквите коментари, без разлика дали биле некогаш лично упатени?

– Видете вака, добро е што се коментира. Зад добриот коњ секогаш се крева прашина. Лошо ќе беше доколку публиката не реагираше. Повеќето од коментарите се позитивни, но има и многу забелешки. Тоа е сосема нормално. А и нашиот менталитет е таков, секогаш мора сѐ да се каже, па иако тоа не е секогаш оправдано. Ама ако, нека си зборуваат. Сметам дека серијата продукциски изгледа одлично, треба да бидеме потрпеливи и да се изгледаат повеќе епизоди. Нашата публика одамна не гледала кратка ТВ-комедија на малите екрани и треба време за да ни влезе под кожа. Ќе видите. Околу актерската игра на моите колеги, не би коментирал. Секој е актер сам за себе. Вие проценете го тоа. Всушност, сѐ е театар, нели?

Факултети.мк: Последниот период сте повеќе активен на филмското платно и на малите екрани. Вие сте еден од најангажираните актери. Актуелен филм Ви е „Златна петорка“. Штиците, ТВ-екраните или големото платно, каде најмногу уживате да работите?

-Интересно е тоа што кога работам театарска претстава, ми недостига филмско или ТВ-снимање и обратно, кога снимам подолг период, ми фали театар. Сѐ си има своја магија и убавина. Различни медиуми, различни процеси, но ќефот после добро завршената работа, сепак, е најголем.

ДЕЦАТА ЗАСЛУЖУВААТ ПОСЕБНО ВНИМАНИЕ

Факултети.мк Со ликот на Цветко и детската серија „Пет плус“ станавте вистински херој од нашето маало за детската публика. Исто така и ликот на Џон Пиплфокс во претставата во Драмски. Ве радува ли што Ве препознаваат и Ве сакаат децата?

– Искрено, нема поубаво чувство од тоа децата да те препознаат на улица, да сакаат да се сликаат. А, и мајките…(хахаха)… Децата се најискрената публика, која навистина заслужува посебно внимание, непосредност и одговорност. Кога бев дете, имав свои херои, растев со нив, верував во нив… Сега сум возрасно дете (со мустаќи) и сѐ уште верувам во нив… Кога некоj ќе го препознае и запре детективот Цветко и кога со него набрзина ќе решат некоја детективска мистерија… или кога славниот гусарски капетан Џон Пиплфокс заедно со некое дете ќе победи некое седмоглаво чудовиште…тогаш сум многу, многу среќен.

Факултети.мк: На што сте фокусирани периодов професионално?

– Моментално, тешко можам да се фокусирам професионално. Одморам малку, заслужено. Играм претстави што ги имам на репертоар, гледам многу филмови, тоа е дел од мојата професија и полека се подготвувам за една планинска трка. Во последните неколку години открив дека трчањето е тоа што вистински ми помага. На почетокот мислев дека ќе ме држи кратко, дека брзо ќе ми помине меракот, но еве и по неколку години сѐ уште трчам и уживам во тоа. Трчањето го убива стресот, релаксира и ме прави да бидам насмеан.

Факултети.мк: Имате два сина. Споделуваат ли свои мислења за Вашата работа?

-Не сакаат многу да се заморуваат со мојата работа. Си имаат тие попаметни работи. Ама телевизијата е многу силен медиум и сакале-нејќеле, ќе ме видат. Двајцата пораснаа гледајќи го „Трчај Петко“ и горд сум поради тоа. Често доаѓаат во театар! Да, споделуваат што мислат.

Извор: fakulteti.mk

Leave a comment

Please note, comments must be approved before they are published