Без „Царот“ Македонските народни приказни не се исти, но Шенка продолжува да твори
Кога ќе го слушнеме презимето Колозови веднаш се враќаме назад низ времето на Македонските народни приказни.
Без царот не се истите приказни, ама Шенка Колозова продолжува понатаму.
Знаевте ли дека сценаријата до ден денешен ги пишува Шенка?
За тоа и многу повеќе дознајте од нашиот разговор со Шенка Колозова.
Како започна Вашата актерска кариера?
Тоа е многу одамна. Јас почнав многу млада да работам, од 18 години. Тогаш примаа во театрите и без високо образование. Тоа беше во штипскиот театар, па потоа во кумановскиот театар и подоцна дојдов во Скопје. Вие ме знаете од Македонските народни приказни, ама кариерата ми почна многу пред тоа. Пред нив имам снимано ТВ драми, ТВ серии, ама тоа пак ќе кажам оддамна беше и сега не ги пуштаат за да можеме да ги видиме.
Не сте Скопјанка, ви недостасува ли Добрево, го посетувате ли и ден денес?
За жал не. Добрево ми е место во кое сум родена, детството сум го поминала таму. Добрево всушност се рудници Злетово. За тоа место ме врзува само моето детство. Тоа е село кое беше и рударска колонија. Секако ме врзува и првата младост, пубертетот, имавме убаво друштво, во основно училиште патувавме секој ден до Пробиштип.
Постојат податоци дека Македонски народни приказни траат три децении, имавте ли некакви очекувања дека денес ќе остави ваков впечаток?
Не не, тоа беше почетокот и ајде да не претерам ама тоа беше случајност бидејќи и ден денес гледаме што прават браќата Срби. Тогаш имаше како сликовници со цртежи и еден што раскажува. Уредникот му го предложува тоа на Ѓорги мој и кој друг ако не Колозов, само на него тоа му текнува и вели: Ајде за истите пари да се собереме неколку и да ги глумиме. Првите 10 беа студиски и така почна целата приказна.
Од студио подоцна излеговме надвор, многу патувавме низ цела Македонија и патувајќи сфативме колку се гледани и сакани приказните. Токму поради тоа продолживме. Бевме подготвени и на најмали хонорари да одиме, зошто ние бевме свесни колку ги сака публиката.
Го споменавте „Ѓорги мој“, имаше ли колебање дали да продолжат приказните откако почина Колозов?
Вашите генерации, па и возрасните и ден денес кога ќе ме сретнат велат без Колозов приказните не се тоа што беа. Меѓутоа, ние сè уште играме претстави, сè уште патуваме и за новите генерации и малите дечиња ги сакаат приказните. И овие приказни ги сака публиката, а не е ни чудо што оние што израснаа со Колозов ќе им недостасува токму Колозов, тој имаше нешто што другите го немаат.
Што е тоа што Ве натера да пишувате сценарија?
Колозов, хаха. Тој на глава ми се качуваше, пишувај, пишувај и пишувај. И ден денес ги пишувам и сите во кои јас настапувам се мои. Има некои 15-16 кои ги напиша Лазе Коларовски, подоцна почнав јас да ги подобрувам веќе напишаните.
Без разлика кого го пишува како сценарист, јас сум ги пишувала. Ама, ако не беше така, немаше да постојат. Со ова не го обвинувам човекот, јас сум ги пишувала, а неговото име стои, јас сум се сложила на тоа, ама па и мило ми е да си кажам дека јас сум ги пишувала.
Што прави Шенка Колозова, денес?
Се досадувам до бескрај. Не можам да издржам да не работам, студено е, нема што да се работи. А, тоа што треба да го работам си го одложувам некако. Никогаш не сакав да пишувам ако некој не ми гарантира дека ќе се снима. А, инаку си ги чувам кучињата и мачињата, имам три мачиња и две кучиња дома, а тие пред зграда се многу, со нив ќе банкротирам хаха.
Жена која не знае да мирува, би заминале ли во куќата во Охрид и да одмарате, еве да не работите веќе?
Јас таму одам за да работам. Сечам ореви, сечакам дрва, ѕидам, кречам сама. Камена саксија си направив сама. Таму константно имам работа, цвеќиња, да искосиш трева, ограда сама правев, сама ги фарбам, таму никогаш не ми е досадно. Што значи, јас не знам да мирувам.
Извор: crnobelo.com
Leave a comment
Please note, comments must be approved before they are published