Рекордна посетеност на малиот јубилеј на Македонскиот фестивал за храна во Мелбурн (Фото)
Македонскиот фестивал за храна го доживеа своето петто издание во Витлси Консил парк во Саут Моранг.
Манифестацијата која има за цел да ги промовира македонските традиционални вредности, историја, традиција, културно наследство, ги обедини на едно место гурманските специјалитети и посебноста на мекедонската песна и оро. Над 20 илјади посетители од сите страни на Австралија уживаа во неповторливиот амбиент – да се вкусат рецептите на баба, но и да се слушне „Тешкото“, да се запее и заигра со македонските фолклорни групи.
Тешко можеше да им се одолее на вешто подготвените ѓомлезе, мазник, сарма, зелник, тавче гравче, мекици, турлитава, македонска скара, и многу други видови традиционални специјалитети, добро познати на постарите, а кои вооедно беа пријатно изненадување за помладите генерации. Љубителите на вкусната храна можеа да наздрават со добра чашка на македонска ракија и Мастика, а вистинско разладување од високите температури доаѓаше со голтка ладно Скопско пиво или Златен даб, или пак некое од бројните македонски вина.
Можна ли е промоција на македонските традиционални вредности без препознатливите фолклорни ноти и танци?
Културно уметничките групи се подготвуваа цела година за настапите на фестивалот. Пред публиката желна за македонско оро и песнасе претставија со нови сплетови фолклорните групи „Светлост“, „Никола Карев“, „Јане Сандански“, „Танец“, „Бисер“, „Гоце Делчев“, „Тоше Проески“, „Весели Македонки“. Покрај тоа настапија и оркестарот „Фонтана“, популарната Татјана Лазаревска, Фазли Луиќ, Вера Трајковска, Мајкл Димовски, Џесика Поцев, Лавинија Тошев, Николас Петерсон и Џими Стојановски, а со рецитали се претставија и најмладите од македонското училиште.
Традиционалниот Македонски фестивал за храна беше посетен од многубројни гости од цела Австралија кои допатуваа специјално од Бризбејн, Сиднеј и Перт за да бидат дел од оваа манифестација, единствена од ваков вид чија што единствена цел е добротворна. Имено, како што е познато и од ова петто по ред издание на фестивалот, целиот профит ќе биде наменет за потребите на македонските културно уметнички друштва и спортски клубови.
Почесни гости кои со своето присуство го збогатија Македонскиот фестивал за храна беа амбасадорот Веле Трпевски, генералниот конзул Бети Коруновска, претседателот на Светскиот македонски конгрес Тодор Петров, како и претставниците од Викторианскиот парламент Бронвел Халфпени и Мери Лалиос.
Leave a comment
Please note, comments must be approved before they are published