Голема забава во Шелдон по повод Меѓународниот ден на жената 8-ми март

 

По повод Меѓународниот ден на жената 8-ми март Шелдон Ресепшион беше домаќин на уште една гала свеченост. Официјалната централна прослава во Викторија во чест на големиот празник на сите жени во светот се одржа во организација на Македонската заедница во Австралија (МАСО), во неделата на 5 ти март, а привлече големо внимание и гости од целата земја. Водител на одбележувањето беше Ана Стерјовска, а познатите музички ѕвезди, Татјана Лазаревска и Новица Василевски заедно со Експрес Бенд беа задолжени за забавниот дел од програмата.

На свеченоста најпрво се обрати Лидија Нешковски претседател на организацијата МАСО која ги поздрави присутните и говореше за значењето на празникот, при тоа потенцирајќи на огромната улога на македонската жена низ историјата, но и денес. На свеченоста, покрај многубројните гости присуствуваше и пратеникот во Парламентот на Викторија г-ѓа Натали Сулејман која со пригоден говор им го честита празникот на присутните.

Во името на МАСО асоцијацијата на забавата по повод Меѓународниот ден на жената 8 ми март беа доделени признанија за најуспешните жени од Викторија како знак на благодарност, а ги добија три истакнати жени кои со својата работа придонесоа за промоција на Македонија и македонската заедница во Австралија.

Првото признание за млад претприемач на годината и припадна на Изи Дималоски – млада жена со македонско потекло, која создаде своја линија на козметички производи. Таа својата империја меѓу далеку поискусните конкурентни компании започна да ја гради на возраст од само 8 години, а денес успешно опстојува со ексклузивната палета на производи од природни состојки за нега на кожата создадени посебно за девојки.

Нејзините производи може да се најдат во стотици продавници низ Австралија.

Од сферата на волонтаризмот и добротворното делување во македонската заедница на Викторија по повод Меѓународниот ден на жената организацијата МАСО и додели признание и на г- ѓа Тодорка Илијевска. Таа е жена која секогаш помага и е несебичен поддржувач за организација на многу настани и волонтер во црквата Свети Илија во Фуцкрај. Илијевска признанието го доби и за нејзината напорна работа за зачувување на македонската култура, јазик, идентитет и традиција.

За својата долгогодишна работа признание доби и г- ѓа Жанета Филиповска моден дизејнер, добротворец, волонтер. Филиповска е меѓу најдобрите во Австралија во областа на модниот дизајн, а воедно е ко-основач на добротворната организација Штикла, формирана со цел да им помогне на децата без родители во својата татковина Македонија.

Татјана и Новица придружувани од Експрес Бенд како и секогаш се погрижија за големата забава да остане незаборавна и да не ги остави ниту за миг спокојни присутните на прославата. Осмомартовската дружба ја збогати и популарната Маријана Новаческа која беше гостинка на свеченоста, но со задоволство се приклучи со неколку свои популарни музички изведби.

Традицијата за прослава на Меѓународниот ден на жената, како што истакнуваат од МАСО организацијата, ќе продолжи да се негува и во иднина, а пред се, да се слави и да се промовира родовата еднаквост.

Leave a comment

Please note, comments must be approved before they are published