КУД „Илинден“ од Сиднеј одбележа половина век постоење (Фото+Видео)

Македонското Културно-уметничко друштво „Илинден“ од Сиднеј во до последно место исполнетиот Државен театар во Сиднеј прослави половина век од своето постоење. Грандиозен настан со кој се гордее целата македонска заедница во Австралија.

Членовите на КУД „Илинден“ на спектакуларен начин го чествуваа јубилејот во еден од најпрестижните светски театри во Сиднеј, пред околу илјада и петстотини гледачи кои со огромно задоволство го проследија целиот тричасовен концерт. Вечерта беше прекрасна, колоритна, со живописните традиционални носии кои ги отсликуваат сите региони во Македонија.

Тоа се 50 генерации Македонци вткаени во историјата на етно културата во мултинационална Австралија. Тоа се 5 децении традиција која говори за посебноста на македонската песна, на „Невестинското“, на лесниот чекор во „Тешкото“, на три-четвртинскиот такт, на убавоста на македонското девојче, на крепоста на македонските момци, на таговните елегии, но и на веселите и разиграни ора.

Настапите на КУД „Илинден“ се одликуваат со модерни кореографии во кои се отсликуваат македонската богата историја, култура и традиција. Токму тоа и претставуваше јубилејниот концерт како збирка од различни перформанси почнувајќи од најмладите детски групи, младинските, па се до супериорните возрасни групи танчери. Во престижниот Државен театар во Сиднеј, уште еднаш се собраа и поранешните членови на друштвото кои ја потсетија публиката на настапите од своето време.

 

На јубилејниот концерт, празник по повод 50 години постоење на КУД „Илинден“ присуствуваа Амбасадоорот на Република Македонија во Канбера, Веле Трпевски и Генералниот конзул на Република Македонија во Мелбурн, Бети Коруновска. Меѓу останатите почесни гости беа и федералните парламентарци Дејвид Колеман, Крег Кели, Стивен Џонс и Мајк Кели. По повод големиот јубилеј на едни од најголемите амбасадори на македонската традиција и култура, телеграма со честитки испрати претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов.
Со видео порака јубилејот го честиташе и министерката за култура во Владата на Република Македонија, Елизабета Канческа Милеска.

Leave a comment

Please note, comments must be approved before they are published